ИСТОРИЈА

ISBN 978-608-239-040-6

наслов

Балканот во Раниот среден век. Критички историски преглед од VI до доцниот XII век

јазик

Англиски

автор

Џон В.А. Фајн Јуниор

Кратка содржина

Балканот во раниот среден век е првото сеопфатно истражување на настаните од историјата на Балканот во раниот среден век – настани што биле и важни и фасцинантни. Периодот што го разгледува Џон Фајн бил ера на значајна демографска, политичка и религиозна промена во регионот. Во овој период локалните населенија биле надополнети или заменети од Булгарите и различните словенски племиња, од кои потекнале етничките идентитети што постојат и денес. Книгата се осврнува на создавањето на првите држави на Балканот, нивната меѓусебна воена и политичка борба, како и борбата против доминацијата на Константинопол. Оваа сеопфатна и детална студија продира во многу од митовите и претпоставките со кои се исполнети претходните истории на Балканот. Таа е важен извор за оние што сакаат да го прошират своето знаење за овој турбулентен период и што сакаат да го зголемат своето разбирање за регионот.

ISBN 978-608-239-066-6

наслов

Социјална историја на Византија

јазик

Англиски

автор

Џон Халдон

Кратка содржина

Со оригинални есеи од водечки истражувачи, оваа книга ја истражува социјалната историја на средновековната Источноримска Империја и нуди просветлувачки нови увиди за нашето знаење за византиското општество и сите негови слоеви и аспекти, меѓу кои и структурата на семејството, позицијата на жените, монашкиот свет, општествените елити и работничкото население. Книгата содржи поврзани есеи што се однесуваат на социјалната историја на Византиската Империја, нуди ново теоретско и емпириско истражување во проучувањето на византиското општество и вклучува корисни поимници на социолошки/теоретски изрази и византиски/средновековни термини.

ISBN 978-608-239-059-8

наслов

Југоисточна Европа под османлиска власт (1354-1804)

јазик

Англиски

автор

П. Ф. Шугар

Кратка содржина

Без разлика дали се занимава со „централните“ провинции на Румелија или со вазалските држави и со државите што плаќале данок (Молдавија, Влашка, Трансилванија и Дубровник), авторот дава нови увиди и толкувања, како и богатство од информации за балканската политичка, економска и општествена историја, што не можат да се најдат во други книги. Додатоците вклучуваат списоци на династии и на владетели со кои Османлиите доаѓале во контакт, како и податоци за Османлиската династија и за некои од големите везири; хронологија на големите воени походи, мировните договори и на територијалните освојувања и загуби на Османлиската империја во Европа од 1354 до 1804 година; и глосари на географски имиња и на странски термини.

ISBN 13 - 978-608-239-024-6

наслов

Општествени предуслови за националната преродба во Европа

јазик

Англиски

автор

Мирослав Хрох

Кратка содржина

Делото на Хрох, првично објавено на германски и на чешки јазик, а потоа преведено и во дополнето издание на англиски јазик, претставува основно четиво за национализмот како за историчарите, така и за социолозите. Во него се теоретизираат различните националистички струина помалите европски нации во текот на 19 век, а неговата емпириски базирана студија претставува редок примерок на успешна студија во областа на компаративната историја.

наслов

Mапирање на нацијата

јазик

Англиски

автор

Гопал Балакришнан

Кратка содржина

Дали се враќаме на ситничавиот национализам од XIX век или преминуваме во еден глобализиран, супранационален свет? Дали нацијата–држава ја надминала својата корисност и ја исцрпела својата прогресивна и еманципаторна улога? Почнувајќи со моќните изјави на Лорд Актон и Ото Бауер – класични либерални и социјалистички ставови – Социјално мапирање на нацијата изобилува со мисли поврзани со токму овие прашања: дебатата меѓу Ернест Гелнер и Мирослав Хрох; критиката на Гопал Балакришнан на Андерсоновите Замислени заедници; гледиштето на Парта Чатерџи за ограничениот пристап кон националноста; и придонесите од Мајкл Ман, Ерик Хобсбаун, Том Неирн и Јирген Хабермас.

наслов

Државите и национализмот во Европа по 1945

јазик

Англиски

автор

Малколм Андерсон

Кратка содржина

Во делото се разгледуваат политиките на повеќе европски држави кон сопствениот и кон национализмот на другите држави. Авторот ги споредува национализмите во Европа, нивното настанување и нивната жилавост како идеологија да опстанат во различни историски периоди. Посебно внимание се посветува на национализмот и сепаратистичките движења кои се јавуваат во Европа по Втората светска војна во Шпанија, Ирска, Италија и др.

IISBN 978-608-239-062-8

наслов

Пристапувајќи кон османлиската историја. Запознавање со изворите

јазик

Англиски

автор

Сураја Фароки

Кратка содржина

Пристапувајќи кон Османлиската историја: запознавање со изворите претставува возбудливо и јасно истражување на начините на кои примарните и секундарните извори може да се употребат за да се толкува историјата. Со тоа што ги разгледува и архивските и раскажувачките извори, авторката објаснува за кои цели биле подготвени, поттикнувајќи ги читателите да усвојат критички пристап кон нивните откритија и отворено посочувајќи дека сè што е запишано во официјалните документи не мора нужно да биде точно ниту вистинито. Покрај тоа што книгата е водич за оние што се подготвуваат да започнат со свое истражување, и искусните може да откријат многу нови и возбудливи нешта во ова искрено толкување на полето.

наслов

Османлиската империја 1700-1922

јазик

Англиски

автор

Доналд Кватерт

Кратка содржина

Османлиската Империја била една од најважните незападни држави што опстанале од средновековниот во модерниот период и имала витална улога во европската и светската историја. Таа до денешен ден има влијание врз народите од Средниот Исток, Балканот и централна и западна Европа. Ова ново истражување ги испитува главните трендови во доцните години на Империјата и се осврнува на родовите прашања и на темите што предизвикувале остра дебата како што е прашањето за третманот на малцинствата.

наслов

Византиска јавна архитектура меѓу IV и раниот XI век од н.е., со посебен осврт на градовите во византиска Македонија

јазик

Англиски

автор

Кара Хатерсли-Смит

Кратка содржина

Целта на ова дело е да се опишат и да се објаснат промените во јавната архитектура на гратчињата во византиска Македонија и на градовите меѓу IV и раниот XI век од н.е. Во ова дело се собрани доказите за голем број градови и за нивната јавна архитектура во прилично големата област на византиска Македонија. Со споредбата на овој материјал со информациите што ги имаме за Атина и за Коринт, направен е обид за нагласување на природата на физичките промени во градовите од византиска Македонија, со што би се дала појасна слика за нивната трансформација од доцната антика во средновековната епоха. Овој процес бил постепен и вклучувал континуитет и промена – што било потврдено преку истражување на другите општествени, административни и културни аспекти на византиската цивилизација.

ISBN 13 - 978-608-239-027-7

наслов

Велика Британија и формирањето на Југославија: Преговарање за балканската национална припадност и идентитет

јазик

Англиски

автор

Џејмс Еванс

Кратка содржина

Џејмс Еванс во своето дело ги презентира британските идеи и ставови за културата и историјата на Балканскиот Полуостров во почетокот на 20 век. Подетално, авторот ги анализира формирањето на југословенската држава во 1918 година и национализмот на Балканскиот Полуостров, односно различните интерпретации за југословенската националност.

наслов

Историја на Балканот

јазик

Германски

автор

Едгар Хеш

Кратка содржина

Во делото „Историја на Балканот“ на синтетизиран начин е претставена историјата на Балканскиот Полуостров од антиката до денес. Авторот опфаќа повеќе аспекти на сложените процеси на политичката, економската, социјалната и културната историја на Полуостровот.

наслов

Темната страна на националните држави. „Етничкото чистење“ во современа Европа

јазик

Германски

автор

Филип Тер

Кратка содржина

Ова дело „Темната страна на националните држави „етничко чистење“ во современа Европа“ од авторот Филип Тер е прво дело што се занимава со овие големи случаи на етничко чистење во современа Европа. Етнички чистења не биле преземени само од диктатори туку и од демократски ориентирани политичари. Тоа се пред сè низа следбеници на модерниот национализам и националната изградба на државата во XIX и XX век. Ова дело нуди основен вовед во едно од најтемните поглавја на современа Европа. Авторот се зафаќа со претставување на етничките чистења како и со периодите и одговорните актери за бегство, прогонство, присилно иселување и депортации. Притоа авторот не се задржува само на Источна Европа, туку ја расветлува и улогата на западните големи сили.

ISBN 13 - 978-608-239-028-4

наслов

Мара Бранковиќ. Жената меѓу христијанскиот и исламскиот културен круг во XV век

јазик

Германски

автор

Михаило Ст. Поповиќ

Кратка содржина

Мара Бранковиќ, ќерка на српскиот деспот Ѓураѓ Бранковиќ, жена на османлискиот султан Мурат II и маќеа на Мехмед II, освојувачот на Константинопол во 1453 г., се вбројува во редот на најзначајните личности во балканската историја од XV век. Покрај тоа што била посредник во дипломатските односи на османлиите со Балканот и со Западот, особено се истакнала со својата ктиторска активност. Во монографијата особено внимание е посветено на местото и улогата на жената во средновековните општества.

наслов

Националното прашање во Југославија. Потекло, историја, политики

јазик

Англиски

автор

Иво Банац

Кратка содржина

„Националното прашање во Југославија. Потекло, историја, политика“ е книга на еминентниот хрватски историчар и долгогодишен професор на Универзитетот Јеил во САД, Иво Банац. Книгата за прв пат е објавена на англиски јазик во 1984 година од страна на Универзитетот во Станфорд. Ставајќи акцент на периодот од формирањето на Кралството на СХС на 1 декември 1918 година сè до прогласувањето на Видовденскиот устав на 28 јуни 1921 година, Банац се обидува ретроспективно да ја прикаже генезата на националните прашања во првата Југославија, целиот сложен мозаик на односи меѓу народите што егзистирале на нејзината територија и водечките политички фигури и нивните идеи за иднината на новата држава.

наслов

Етничко чистење на Балканот. Национализам и деструкција на традицијата

јазик

Англиски

автор

Кети Кармајкл

Кратка содржина

Етничкото чистење кое на балканските простори циклично се повторува, особено за време на преломни историски случувања претставува тема на книгата: „Етничко чистње на Балканот национализам и деструкција на традицијата“ на историчарката К. Кармајкл, во кое се истражуваат пред се случувањата на просторот на поранешна Југославија во последната деценија на XX век. Авторката современите збиднувања ги поврзува со настаните од поблиското и подалечното минато, барајќи ги релативно успешно корените на деструкцијата кои доведоа до крвави граѓански војни и етничко чистење на Балканот на крајот на XX век.

IISBN 978-608-239-062-8

наслов

Балканските војни 1912-1913. Вовед во Првата светска војна

јазик

Англиски

автор

Ричард К. Хол

Кратка содржина

Во делото: „Балканските војни 1912–1913. Вовед во Првата светска војна“, авторот Ричард Хол детално ги анализира причините за Балканските војни, нивниот тек и последиците. Авторот особено внимание посветува на воените дејствија за време на војните, ги објаснува клучните битки и дава еден синтетизиран приказ на дипломатските активности на Големите сили, на Османлиската империја и на балканските држави во периодот на Балканските војни.

наслов

Огнови на омразата. Етничко чистење во Европа во XX век

јазик

Англиски

автор

Норман М. Нaјмарк

Кратка содржина

Во делото „Огнови на омразата. Етничко чистење во Европа во XX век“ од Норман Најмарк, авторот дава приказ на најдрастичните примери на етничко чистење на европскиот континент по завршувањето на Првата светска војна. Во делото се наведени примерите на Грците и Ерменците од Анадолија, погромот на Евреите од нацистичка Германија, преселбите во Советскиот Сојуз, протерувањето на Германците од источна Европа по Втората светска војна и етничкото чистење во поранешна Југославија во деведесеттите години на XX век.

наслов

Балкански Вавилон. Распаѓањето на Југославија од смртта на Тито до падот на Милошевиќ

јазик

Англиски

автор

Сабрина П. Рамет

Кратка содржина

Сабрина Рамет, искусен набљудувач на југословенската сцена, овде ги опишува исплетените сили што ја обликувале земјата која била на работ на поделба. Тврдејќи дека културните и религиозни вредности го поткрепуваат политичкото однесување, таа го следи постепеното вложување на општествената и политичката текстура на Југославија во 80-тите години на XX век. Книгата е заснована врз обемна теренска работа во Југославија која вклучува детални интервјуа во пет републики во период од една деценија. Резултатот е најсеопфатното испитување на поновите политички, културни и религиозни трендови во тоа полиглотско општество.

ISBN 978-608-239-056-7

наслов

Историја на Соединетите Американски Држави

јазик

Англиски

автор

Филип Џенкинс

Кратка содржина

Историја на Соединетите Американски Држави е интересен, јасен и авторитативен преглед на текот на американската историја, во кој се дискутира за политичкиот, општествениот и културниот развој. Меѓу главните теми што се опфатени се и врската меѓу територијалното проширување и политичката историја; критичката улога на етничкиот и расниот конфликт и сложената врска меѓу расата и класата во американската историја; моќните традиции на регионализам во американскиот живот и променливите тежишта во американската географија; и неверојатната сила на радикалната евангелистичка и апокалиптична религија. Книгата исто така ја разгледува постојаната американска традиција на идентификување и стигматизирање на „опасни туѓинци“ и значајноста на овие идеи за културната и политичката историја. Џенкинс ја следи еволуцијата на американската историја преку приказ на традициите и настаните што ја обликувале американската нација. Од патувањето на Колумбо до доаѓањето на Клинтоновата администрација, идентификувани се неколку обединувачки трендови што потоа детално се разгледани. Извонреден преглед што е од интерес и за научниците и за студентите.

наслов

Нациите и национализмот од 1780

јазик

Англиски

автор

Е. Џ. Хобсбаум

Кратка содржина

Нациите и национализмот од 1780 година е широко прифатеното испитување на Ерик Хобсбаум за прашањето на национализмот. Книгата се осврнува на настаните во источна Европа и советските републики во доцниот XX век кои повторно ја истакнуваат централната важност на национализмот во историјата на политичката еволуција и немири, и обрнува внимание на влијанието на драматичните промени што се случиле на крајот на XX век.

наслов

Сите луѓе на Сталин

јазик

Англиски

автор

Рој Медведев

Кратка содржина

Оваа книга содржи шест кратки биографии, политички портрети на луѓето кои во различно време биле најблиска придружба на Сталин: К.Е. Ворошилов, А.И. Микојан, М.А. Суслов, В.М. Молотов, Л.М. Каганович и Г.М. Маленков. Сите овие луѓе одиграле важна улога во историјата на СССР и на Комунистичката партија на Советскиот сојуз. Сталин, „шефот“ во партиските кругови, се потпирал токму на овие луѓе; тие нему му биле од суштинско значење за основањето на неговата тоталитарна диктатура. Но, и тој им значел многу за да го зачуваат своето влијание и власт и токму тоа ги прави нив типични претставници на сталинистичкиот систем.

ISBN - 13 978-608-239-021-5

наслов

Непознатиот Сталин

јазик

Англиски

автор

Рој Медведев и Жорес Медведев

Кратка содржина

Жорес А. Медведев и Рој А. Медведев со нивната публикација „Непознатиот Сталин“ фрлаат нов поглед на контроверзната личност на Ј.В. Сталин. Користејќи се со архивски документи неистражени и необјавени досега, авторите обработуваат теми на коишто досега им е посветено релативно мало внимание од страна на историографијата. Така, во книгата се разработени политиките на Сталин за време на Втората светска војна и неговите ставови за науката и нуклеарното оружје. Опфатен е и дел од неговиот приватен живот, концентрирајќи се на односот кон мајка му Екатерина, како и последните денови од животот во „дачата“ во Кунцево.

наслов

Заостанување зад времето: опаѓање и пропаст на авангардите од XX век

јазик

Англиски

автор

Е. Џ. Хобсбаум

Кратка содржина

Се работи за објавено комеморативно предавање одржано од Ерик Хобсбаум, еден од најголемите историчари и теоретичари на XX век. Темата е мошне специфична бидејќи предавачот на луциден начин се осврнува на поврзаноста меѓу уметноста и општеството, но од своја историографска перспектива и перцепција.

наслов

Античката историја низ монети

јазик

Англиски

автор

Кристофер Хаугего

Кратка содржина

Монетите можат да бидат значаен извор на информации за античката историја. Делото „Античката историја низ монети“ ја доближува оваа тема до студентите и до истражувачите нагласувајќи ги проблемите и предностите на употребата на монетите во проучувањето на античката историја.

ISBN 978-608-239-056-7

наслов

Разбирање на римските натписи

јазик

Англиски

автор

Лоренс. Кепи

Кратка содржина

Познати се околу 300.000 натписи што се зачувани од римскиот свет и секоја година се откриваат уште повеќе од илјада. Таквите натписи може да го потврдат или да го прошират нашето знаење за големите настани претставени во книжевните извори. Тие исто така обезбедуваат директна врска со животите и занимањата на голем број обични луѓе што не се застапени во историите и за чие постоење инаку нема сведоштва. Во Разбирање на римските натписи Лоренс Кепи го воведува обичниот читател во областа на натписите. Тој ни дава објаснување за контекстот и историјата на натписите и ја објаснува нивната важност како ресурс за секој што е заинтересиран за светот на Римјаните. За секој наведен натпис, Кепи го дава оригиналниот латински, заедно со превод и коментар за значајноста на натписот за секојдневниот живот на Римјаните. Илустрирана со бројни фотографии, Разбирање на римските натписи претставува фасцинантен вовед во најважниот извор за историјата и организацијата на Римската Империја.

наслов

Историја на современа Турција.

јазик

Италијански

автор

Антонело Биаџини

Кратка содржина

Ова дело се заснова врз тенденцијата со поопсежна активност на издавачките и на истражувачките проекти да се интерпретираат историските факти. Книгата „Историја на современа Турција“ им се обраќа на студентите, како и на широката публика во обидот да се раскаже една од најсложените и најфасцинантни истории, онаа на Турците со далечно потекло од Централна Азија, во градењето голема мултиетничка и мултинационална империја, која уште на почетокот на XX век претставува голема сила, како и формирањето на Турската Република по Северскиот договор од 1920 година.